Приватните компаниите кои имаат обврска да ги чуваат државните нафтени резерви, повторно за тоа нема да добијат надомест од државата. Министерството за финансии за уште една година ја одложува примената на Законот за задолжителни нафтени резерви.
Наместо од почетокот на идната година, како што се очекуваше, тој ќе почне да се применува дури од 2020. На платформата ЕНЕР веќе се објавени владините намери да се подготват законски измени со кои ќе се официјализира пролонгирањето.
Телма го праша Министерството за финансии и министерот Драган Тевдовски, кои се причините за најновото одложување за законот и дали се информирани колкави се трошоците на компаниите кои имаат обврска да вршат складирање на државните нафтени резерви. Дали Финансии контактира со компаниите и кои се нивните забелешки во однос на зафатеноста на нивните резервоари. Дали Владата е запознаена со Извештајот на Европската енергетска заедница, во кој како отворено е наведено прашањето со складирањето на резервите, и дали во иднина планира да ја испочитува нивната забелешка со која се предвидува уредување на надоместокот на фирмите кои ги чуваат. Има ли одговор власта кој ќе ги сноси последиците доколку државата се соочи со недостиг од потребните државни нафтени резерви. Имајќи предвид дека одреден надомест при формирањето на цените се одделува за задолжителните нафтени резерви, прашавме и каде легнуваат тие средства и за што се користат.
Наместо одговор на сите овие дилеми, единствениот кус одговор што го добивме од Финансии е дека на овој начин ќе се обезбеди греење на јавните установи и во кризни услови.
-Училиштата, градинките, болниците и останатите јавни установи, на овој начин и понатаму ќе можат да ги користат државните задолжителни резерви на нафтени деривати во услови на криза и во други случаи- велат од министерството за финансии.
Нема одговор што се подразбира под криза и дали државата е сега во таква состојба, дали државните резерви се во опасност и дали државата, доколку компаниите одбијат да ги чуваат резервите, има капацитет сама да обезбеди нивно складирање и чување.
Од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, пак, Кочо Анѓушев, велат дека во наредните неколку месеци, Владата, имајќи ги предвид сите аспекти, ќе го реши ова прашање, со цел усогласување со ЕУ Директивата која се однесува на нафтените резерви, и ќе се изнајде заеднички прифатливо решение, како за државата, така и за приватните нафтени компании.
За законот за задолжителни резерви, пак, како и за Уредбата за утврдување на висината на надоместокот, неговото пресметување и уплатување, од кабинетот на Анѓушев упатуваат дека тие се во надлежност на Министерството за финансии. Уредбата ќе била донесена во следниот период од неколку месеци.
Во новиот Закон за енергетика, велат, условите за складирање ќе бидат уредени со правилник.
-Во претходниот закон постоеше лиценца за вршење дејност складирање на сурова нафта и деривати, додека во новиот закон за енергетика ваква лиценца не е предвидена. Поради тоа, во фаза на подгововка е измена на Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати, кој треба да се усогласи со новиот текст на Законот за енергетика. Согласно тој закон, Министерот за економија донесува Правилник, со кој се пропишуваат условите на објектите за складирање- велат од Кабинетот на вицепремиерот Анѓушев.
Вицепремиерот тврди дека Владата е во постојана комуникација и има одлична соработка со Секретаријатот на енергетеската заедница за сите прашања кои се однесуваат на енергетиката. Во изминатата година во соработка со нив биле направени дополнителни анализи и споредба со искуствата од другите земји, особено од регионот, за тоа на кој начин е регулирано складирањето на државните резерви на нафта и нафтени деривати.
Државните резерви со нафта се чуваат во складиштата на компаниите Макпетрол, ОКТА и Лукоил. Макпетрол за складирањето на државните резерви има годишен трошок од 1,5 милиони евра, но државата сеуште не чувствува обврска дека тоа треба да го надомести. Овие компании од поодамна најавуваат дека во своите резервоари веќе нема да чуваат ни литар гориво, се додека државата не го утврди и не го регулира надоместокот што треба да им го плати.