На 100 домашни компании ќе им биде доделена државна помош од 9,2 милиони евра, соопшти на прес-конференција претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со заменик-претседателот задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши. Пред новинарите тројцата денеска ги промовираа договорите за доделување државна помош на компании од првиот и вториот столб на планот за економски раст во согласнос со Законот за финансиска поддршка на инвестициите.
Одлуките за склучување договори со речиси 100 домашни компании ги донесе Владата на вчерашната седница, од каде што посочија дека фирмите ги исполнуваат условите за финансиска поддршка од првиот и вториот столб од планот за економски раст како државна помош за инвестициите што компаниите ги направиле во 2017 година.
Сите компании заедно имаат околу 14.000 вработени, а само во 2017 година отвориле над 1.000 нови работни места, велат од Владата. По исполнување на своите обврски, тие ќе добијат вкупна помош од 9,2 милиони евра
На прес-конференцијата министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека за сите видови финансиска поддршка, покрај склучениот договор, компаниите треба да достават уште неколку документи, како што се годишна сметка и финансиски извештај за претходната година и консолидирана годишна сметка и консолидиран финансиски извештај за претходната година доколку деловниот субјект составува и објавува ваков вид извештаи, потврда од Централниот регистар на Република Македонија дека над деловниот субјект не е отворена стечајна постапка не постара од 60 дена, како и уште некои други документи, со што ќе се заокружи постапката за исплата на средствата на компаниите на кои им се одобрени проектите во согласност со Законот за финансиската поддршка.