Еднократната поддршка од 6.000 денари која граѓаните ќе ја добијат можат да ја користат без временски ограничувања.
Ова го соопштија денеска од Владата, по пишувањата на нашиот медиум дека постои опасност од нова корона кластери, затоа што картичките се уште не се доделени, а првичниот рок да се искористат е до 25 декември.
Лидер анализираше дека целата идеја со рокот до 25 ти декември е нелогична, затоа што токму во време на пандемија, кога во земјава секојдневно има над 1000 заболени од Ковид 19, граѓаните ќе се соочат со нова опасност од зарази, а поради краткото време дел од нив можеби нема ниту да ги искористат.
Сето ова се случува во време кога надлежните апелираат граѓаните да остануваат во своите домови, да не се групираат повеќе од четворица надвор, но и по домовите. Во најава, исто така има и казни за маркетите , пекарите и дуќаните кои доколку не воспостават ред, надвор и внатре ќе плаќаат казни од 2000 евра . Ова законско решение е во собраниска процедура.
Сепак Владата останува препораката за искористување на средствата до 25 декември, со цел до крајот на годината да се инјектираат и ликвидни средства во стопанството за кус период, да се купуваат македонски производи и на тој начин да се дејствува врз раздвижување на економската активност.
Доколку не беа опструкциите и блокадите во Собранието од страна на опозицијата за навремена реализација на четвртиот пакет економски мерки, граѓаните ќе беа во можност своите средства да ги користат доста порано, а со тоа и економската активност во државата ќе се подобреше порано, велат од Владата.
Оваа мерка е од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани. По 6.000 денари на сметка добиваат граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. За оваа мерка која ќе се реализира преку исплаќање на средствата на постоечката трансакциска сметка на граѓаните, испроектирани се вкупно 27,5 милиони евра.