Денеска на прес-конференција беше промовиран порталот „Отворени финансии“, што содржи финансиски податоци за над дванаесет и пол милиони трансакции.
– Стандардите се поставени. Секогаш кога некое министерство, агенција или државна управа ќе извршат уплата на пари, трансакцијата во рекордно време ќе биде јавно достапна за увид на сите во државата, соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференција на која се промовираше веб платформата „Отворени финансии“.
На настанот присуствуваа и министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски и претставници на УСАИД и ИРИ.
Во првата фаза е планирано на платформата „Отворени финансии“ да се објавуваат трансакциите на буџетските институции на Централниот буџет, а тоа се институциите од Основен буџет (министерства, агенции, управи итн.) и социјалните фондови, а во втората фаза ќе се објавуваат и трансакциите на единиците на локална самоуправа и нивните буџетски институции.
Платформата „Отворени финансии“ им се придружува на платформата „Отворени податоци“, на Алатката за отчетност на Владата која ги покажува личните службени трошења на функционерите, и на новите сервисни веб страни на Владата и министерствата на кои се работи и кои ќе содржат информации кои порано беа целосно недостапни.
Министерката за финансии Нина Ангеловска потенцираше дека порталот „Отворени финансии“ е еден од клучните резултати од големата реформа на јавните финансии, во чија основа е транспарентноста со што заложбата на оваа Влада за транспарентно, ефикасно и ефективно управување со јавните финансии, станува реалност и претставува чекор напред на европскиот пат.
– Денес го отклучуваме Трезорот за граѓаните. Ова е „декласифицирање“ на податоците за трансакциите на буџетските корисници. Покажуваме дека имаме институционален капацитет за големи демократски чекори. Транспарентноста е основна демократска алатка. Таа ја ограничува манифестацијата на моќ и поттикнува поодговорно и поправедно трошење на буџетските средства поради стравот од фаќање во нелегална активност. Тоа е повратниот ефект на транспарентноста врз намалување на корупцијата. Пристапот на граѓаните и граѓанското општество до информации за располагањето со буџетските средства поттикнува нивно разумно и одговорно трошење“, истакна министерката за финансии Ангеловска.