Економија 17. март 2020. / 09:44

Владата донесе одлука за замрзнување на цените на основните продукти

Владата донесе одлука за замрзнување на цените на основните продукти

Владата доцна синоќа донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти: леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциски средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука, како што соопшти, стапува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник“, а е усвоена за да не се злоупотреби моментната состојба на пазарот и за да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка.

На владината седница е усвоена и Информацијата со која се предлага забрана за извоз на пченица и брашно од пченица кон сите земји за неограничено време.

Владата ги задолжи Министерството за економија, Министерството за земјоделство и Агенцијата за стокови резерви да изработат листа на прехранбени производи кои би биле предмет на евентуален интервентен увоз во рок од пет дена, а Агенцијата за стокови резерви треба веднаш да достави листа на стоки кои ги има на залиха со податоци за количина.