За СДСМ човечките животи и судбини воопшто не се важни, рече Ане Лашкоска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија на денешната прес-конференција.
СДСМ на чело со премиерот во заминување Зоран Заев, повторно по којзнае кој пат ги излажаа и ги заборавија вработените во прилепскиот Еурокомпозит. Пари за исплата на неисплатените плати и придонеси на овие работници, повторно и во буџетот за 2021 година, СДСМ одлучи да нема. Уште едно лажно ветување и поигрување со судбината на вработените во прилепски Еурокомпозит, додаде Лашкоска.
СДСМ, сметаа таа дека, уште еднаш ги остави овие луѓе на цедило.
Ги остави без плати, но замислете, во услови на пандемија и тешка секојдневна борба со Ковид 19, ги остави и без здравствено осигурување. Срамно, безобразно и лицемерно однесување на СДСМ. СДСМ има пари за набавка на нови возила и нов мебел за министерствата, има и за бадеми и ф’стаци и други луксузирања, но нема за исплата на плати и здравствено осигурување за вработените во Еурокомпозит. Очигледно за СДСМ и Зоран Заев, дадените ветувања, дадениот збор или законите, немаат апсолутно никаква важност и тежина, рече Лашкоска.
Токму затоа, ВМРО-ДПМНЕ, вели таа, преку амандман на буџетот за 2021 година предложи веднаш и без никакви изговори, да се обезбедат средства во висина од 172 милиони и 480 илјади денари со цел конечно да се реши овој горлив проблем на вработените во прилепскиот Еурокомпозит.
За мене како пратеник од ВМРО-ДПМНЕ кој доаѓа од Прилеп, но и за целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, решавањето на овој проблем, со оглед на важноста и тежината, секогаш бил и е приоритет. Како во изминативе 3 години, така и сега, ние ќе продолжиме да се бориме со сите средства кои ни се на располагање се додека СДСМ и нивниот шеф Зоран Заев конечно не се сетат и не одлучат да го решат овој повеќегодишен проблем со исплатата на платите и придонесите за овие луѓе, рече Лашкоска.
Пратеничката ги повика СДСМ и колегите пратеници од владеачкото мнозинство, да си ја признаат сопствената грешка, да го поддржат овој амандман на ВМРО-ДПМНЕ и како знаат и умеат да обезбедат средства за овие луѓе. Само така ќе покажат, вели таа, дека имаат искрени намери и работат за решавање на проблемите на граѓаните.
Во спротивно, доколку не го сторат тоа, уште еднаш ќе докажат на дело дека перфектно лажат, манипулираат и си поигруваат со трпението и човечките животи и судбини на луѓето, смета Лашкоска.