Економија 02. февруари 2021. / 13:54

Тутунарите стравуваат дека нема да се откупи целиот тутун

Тутунарите стравуваат дека нема да се откупи целиот тутун

Продолжува неизвесноста со откупот на тутунот. Тутунарите сметаат дека ако не се зголеми динамиката не би можело да се откупи целиот тутун до законски предвидениот рок, крајот на февруари.

Тие обвинуваат дека чекаат со денови пред откупните пунктови и оти тутунот се откупува со врски и подмитување. За решавање на проблемите тие бараат помош од државата која е предвидена во петтиот пакет антикризни мерки.

Тутунарите велат дека состојбата на терен е многу лоша. Откупувачите не го примаат целиот тутун во најдобар случај ти откупуваат само половина од донесената количина. Друг проблем е нереалната проценка на класите, четвртата класа воопшто не се откупува, а другите се проценуваат за класа до две подолу.

Од Иницијативниот одбор на тутунарите велат дека проценката е катастрофална, се врши грабеж по сите основи, се земаат пари под рака, само да се предаде тутунот.
Тутунарите се сомневаат дека во земјава и понатаму се увезува и легален и нелегален тутун, што дополнително им ја влошува и онака очајната ситуација.

Ако не се зголеми динамиката, не може да се откупи тутунот во наредните 20 работни дена, а за откуп има останато околу 7.000 тони од договорените 23.200 тони тутун и уште околу 4.000 тони вишок. Тие бараат средба во Министерството за земјоделство со откупувачите со цел заеднички да најдат начин како да се откупат овие 11 илјади тони до крајот на откупот.
Досега се откупени околу 16.500 тони со просечна цена од 166 денари.