Од денеска тутунарите ќе ги блокираат вагите и откупните центри секаде каде што има нереална проценка на тутунот и истиот се откупува за класа подолу, соопштуваат од Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.
Тутунарите добија поддршка од Министерството за земјоделство за реална процена на родот. Доколку има нереална процена и се зема тутунот за класа подолу, да се блокираат вагите и да се известат Министерството и Земјоделскиот инспекторат. Министерот Аријанит Хоџа најави дека тој лично ќе појде на терен за да се реши ситуацијата, тутунот да почне да се откупува реално.
Како што велат од Сојузот, лани овој период имало веќе откупено 10.000 тони, а досега се само 250 тони и сите компании немаат отворено. Сега откупуваат четири, а од понеделник има најава да отворат уште четири откупувачи. Две компании се изјасниле дека до крајниот рок за почеток на откупот, 15 декември, ќе обезбеделе гаранции за средствата за плаќање.
Од Сојузот не знаат зошто е ваква ситуацијата и зошто тутунот се плаќа од 120 до 140 денари, а реално, според квалитетот, цената треба да биде од 180 до 200 денари за килограм.
Од прилепскиот Институт за тутун велат дека годината родот е со просечен, добар квалитет, но за реално да се согледаат состојбите треба да се почека сите откупувачи да ги отворат пунктовите и да почне редовниот откуп од 15 декември.