Тутунарите од струмичко Градашорци не знаат каде да ги предадат произведените количини тутун од ланската реколта откако компанија „Далија табак“ не доби зелено светло да врши откуп оваа сезона.
Производителите имаат склучено договори, но тутунот им стои, а одговор дали некој ќе им го откупи и кога, се уште немаат.
Околу 80-тина производители од Градашорци, околните струмички села, но и од радовишко стравуваат дали некој ќе им ги откупи договорените количини и дали воошто ќе добијат пари, а тутунот им е единствен извор на егзистенција.
Од Министерството за земјоделство потврдија дека „Далија табак“ не откупува заради необезбедена финансиска гаранција и дека се прават напори да се изнајде решение. На утрешниот сотанок со откупувачите ќе биде отворено и ова прашање.
„Далија табак“ не откупува бидејќи инспекторатот утврди дека во законскиот рок не обезбеди финансиска гаранција за договорените количини тутун. МЗШВ прави напори за откуп на договорените количини на тутун од ланската реколта склучени со откупувачот „Далија табак“.
„Став на Министерството е дека нема да остане неоткупен ниеден лист на тутун ова година“, соопштија од ресорното министерство.
Тутунарите бараат државата да интервенира кај компаниите да се откупат сите произведени количини, а не само договорените. Досега во земјава според Министерството откупени се само 25 отсто од произведените количини.