Економија 10. ноември 2018. / 16:57

Тутунарите очекуваат повисока откупна цена од ланската

Тутунарите очекуваат повисока откупна цена од ланската

Заврши верификацијата на мострите за тутун и тие деновиве ќе бидат распределени на откупните пунктови низ Македонија. Годинава се очекува да има околу 22 милиони килограми тутун, за 6 милиони помалку од побарувањата на 9-те откупни фирми.

Тутунарите очекуваат просечната цена да не биде пониска од лани, односно 217 денари за килограм. Во спротивно ќе продолжел трендот на опаѓање на тутунопроизводството и покрај зголемените субвенции на државата.

-Тутунот и понатаму ќе опаѓа, младиот свет, младите генерации не го сакаат тутунот. Старосната граница на луѓето кои сега произведуваат е при крај, тие неможат многу понатаму да работат. Ако сакаат и в година да произведуваме и да го зголемиме производството мора да ги зголемат цените- истакна Данчо Милески, претседател на здружение „Мице Козар“ од Прилеп.

Гоце Јончески, кој има засадено 24 декари и очекува околу 5 тони на тутун вели дека сегашните цени биле прениски.

-Под 240 или 250 денари просек да не биде тутунот за килограм ако сакаат да не мотивираат и да имаме волја за следната година да работиме- рече Гоце Јончески, тутунопроизводител.

Од Институтот за тутун пак во Прилеп каде се верифицираа мострите истакнаа дека и покрај големата побарувачка, поради лошиот квалитет, не очекувале повисоки цени на тутунот, а на тој став се и од Сојузот на тутунарски здруженија на Македонија.

-Ако има поголема побарувачка се разбира дека и цената може да повисока. Нема да биде повисока од ланскатат реколта, но може да биде повисока од реалната вредност која ја има тутунот- изјави Проф Д-р Мирослав Димитриески, научен советник при институт за тутун.

 

-Лани просечната цена беше 217 денари. Така што годинава побарувачката ќе биде поголема и мислам дека ќе бидеме блиску до таа цена- вели Алија Сали, член на Сојузот на тутунарски здруженија на Македонија.

Годинава има повеќе отворени откупни пунктови и еден откупувач повеќе за разлика од лани.

-Што значи дека условите ќе дадат можност за побрз откуп на произведениот тутун- рече Алириза Елези, државен советник во Министертсвото за земјоделство.

Засега ниту еден откупувач не потврдил кога точно ќе започне со откуп. Законскиот рок е од 15 ноември до 15 декември.