Производството и одгледувањето тутун претставуваат дел од поважните стопански дејности во Република Македонија. Нашава држава е познат производител на висококвалитетен тутун од ориенталски тип, кој учествува во рецептурите за изработка на најквалитетните цигари. Тутунското производство има економско значење и треба да се одржи и покрај редуцираните производства наметнати од ЕУ во голем број земји.
Познати се многу типови и сорти тутун. Сите имаат специфични особини, со кои учествува при формирање на очекуваните својства. Според аромата, тутуните се делат на ароматични и неароматични. Под поимот ароматични тутуни најчесто се мисли на ориенталските типови и тие содржат етерични масла и други ароматични материи, поради кои по сушењето листовите им стануваат миризливи.
Балканските земји, меѓу кои ние а заедно со Грција, Бугарија и Турција сме најголеми традиционални производители и извозници на квалитетен ориентален тутун. Токму затоа, примарното производство на ориенталските ситнолисни ароматични тутуни има големо економско и социјално значење за нас. Македонскиот ориентален тутун, поради својот висок квалитет е многу ценет на меѓународниот пазар и заедно со тутунските производи претставува значаен извозен производ.
При откупот на тутунот, исто така се гледа и големината на листовите, според кои може да бидат ситнолисни и крупнолисни. Во крупнолисни тутуни спаѓаат сите оние чија должина на листовите е поголема од 30 cm, освен ориенталските тутуни. А ситнолисни тутуни се ориенталските тутуни, главно ароматичните, со должина на листот до 20 cm.
Откупната оцена на тутунот подлежи на квалитативни и квантитативни параметри. Големината на листот, од кој дел на стракот е бербата, зрелоста, бојата, ткаеницата, содржајноста и миризливоста се мерила за квалитативна процена на суровиот тутунов лист. Големината односно должината на листовите е еден од водечките показатели за процена на квалитетот и таа е различна за поедини типови и класи. Бојата на листот е носител на основните органолептички показатели за определување на квалитетот на тутунот и се гледа изедначеноста, тоналитетот и интензитетот. Mиризливоста пак е во тесна врска со ароматичноста и во колку тутунот е помиризлив, толку е поароматичен при пушењето. Кај ароматичните типови тутун прилеп, јака и џебел, миризливоста може да биде силно, средно или слабо изразена. Многу сликовит опис има својството ткаеница на листот и се изразува како нежна, груба, кожеста, празна, полна, еластична, смолеста, а содржајноста ја отсликува исхранетоста на листот и односот на минералните и органските материи и дали е најповолен за технолошко искористување во фабрикацијата. Бербата на листот односно од кој дел на стракот потекнува, познато и како инсерција е исто така носител на квалитативните својства а со тоа и на квалитетот на листот. Листовите од една инсерција претставуваат еднороден материјал по однос на квалитетните својства. Вкупно собраните листови од стракот може да бидат од следните берби, подбир, надподбир, долни средни, вистински средни, горни средни, ковалама, подврв и врв.
Мерилата за квантитативна процена на суровиот тутун во лист се апсолутна влага, содржината на песокот и други страни примеси. Суровиот тутун во лист што се откупува треба да содржи до 16% апсолутна влага, додека пак тутун со апсолутна влага од 16 до 20% се проценува за една класа пониска а лист кој содржи преку 20% апсолутна влага, а особено вештачки влажениот тутун, не се проценува.