Економија 17. јуни 2020. / 20:45

Туристичките агенции бараат укинување на мерките за влез во земјата

Туристичките агенции бараат укинување на мерките за влез во земјата

уристичките агенции бараат укинување на одлуката на Владата дека при влез во државата мора да се приложи валиден негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.

„Влезот во земјата без тест за сите наши граѓани или странци значи државен карантин од 14 дена, а потоа и домашна самоизолација“, велат од агенциите во престрест на утрешната прес-конференција, каде што ќе ги изнесат и образложат своите барања.

Според нив, отворањето на границите под овие услови ја оневозможува нивната работа и велат дека никој нема да патува под вакви услови. Агенциите барааат отворање на границите, без вакви рестриктивни мерки. Велат дека доколку не се отворат границите и продолжи кризата, ќе бараат финансиска помош.

Тие предлагаат неповратна месечна финансиска помош за покривање на режиските трошоци. За помалите агенции до 5 вработени, помошта да биде 500 евра месечна субвенција, а над 5 вработени по 1.000 евра додека трае ситуацијата и наназад од затворањето на границата, април, мај и јуни.

Понатаму, бараат продолжување на мерката покривање плати на сите вработени во туристичкиот сектор додека трае пандемијата, минимална плата во државата 14.500 денари, со 100 отсто платени придонеси. Да не постои плаќање 50 отсто од нивна страна бидејќи, како што велат, немаат приходи со кои би ја покриле, дури и оваа мала сума. Мерката минимална плата да важи за сите, без разлика дали некој бил во загуба или не, сепак плаќал данок. Едно од нивните барања е да им се помогне на новоформираните агенции, кои ја немале можноста воопшто да почнат со работа и се ставени во ситуација да отпуштаат вработени поради тоа што немаат приходи.

Туристичките агенции ќе се залагаат за ослободување од плаќање ДДВ, данок на добивка и аконтација за данок на добивка до крајот на годината. За туристичките агенции кои имаат подигнато кредити во комерцијалните банки (за закупи, за одржување на тековната ликвидност), бараат да се донесе уредба за одлагање на нивното враќање за една година.

За кредитите одобрени од Развојната банка како една од веќе донесените мерки, да се зголеми грејс-периодот од 6 на 12 месеци. Се бара и одобрување на бескаматни кредити за сите туристички агенции и превозници, без услови.