Економија

ТТК Банка за три месеци оствари загуба од 42 милиони денари

ТТК Банка за три месеци оствари загуба од 42 милиони денари

Во периодот од 1.1. до 31.03.2018 година ТТК Банка оствари позитивен нето-оперативен приход пред исправка на вредност на финансиски и нефинансиски средства во износ од 42,3 милиони денари, соопшти банката преку Македонската берза.

„Исправката на вредноста на нефинансиски и финансиски средства на нето-основа влијаеше финансискиот резултат на Банката во овој период да изнесува -42,1 милиони денари.

Материјалниот ефект на банката на 01.01.2018 година, како разлика помеѓу објективната и сметководствената вредност на сопственичките инструменти изнесува 3.892.000 денари евидентирана акумулирана загуба“, соопшти банката.

Нето-приходите од камати како основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето, во првиот квартал од 2018 година изнесуваат 67,3 милиони денари и бележат раст од 9,7% во однос на истиот период минатата година.

Планираните нето-приходи од камати се остварени со 97,3%. Нето-приходите од провизии и надоместоци за услуги во анализираниот период изнесуваат 29,2 милиони денари.

Најголем придонес во структурата на оваа позиција имаат приходите од провизии коишто потекнуваат од платниот промет во земјата како од секторот население така и од секторот стопанство како и од приходите од провизии од секторот кредитирање.

Планираните нето- приходи од провизии се остварени со 99,3%. Нето-приходите од курсни разлики изнесуваат 1,9 милиони денари. Остварувањето на планот изнесува 99,4%.

Во текот на првиот квартал од 2018 година Банката оствари продажба на дел од преземениот имот при што оствари капитални добивки. Ефектите од овие настани се одразија на позицијата останати приходи од работењето на Банката којашто изнесува 22,3 милиони денари.

Вкупните оперативни трошоци во анализираниот период изнесуваат 79,2 милиони денари и истите се пониски за 3,6% споредено со истиот период минатата година, пред се како резултат на намалените трошоци за плати и намалените материјални, административни и останати трошоци.

„Исправката на вредност на нефинансиските средства на нето-основа во периодот јануари – март изнесува 56,6 милиони денари и е резултат на реализација на одредбите од Одлуката на НБРМ за сметководствениот и регулаторниот третман на средствата преземени врз основа на ненаплатени побарувања. Во споменатиов период, исправката на вредноста на финансиските средства на нето-основа изнесува 27,9 милиони денари и истата соодветствува со обемот, структурата и квалитетот на пласманите на Банката“, соопшти банката.