Економија 27. јули 2018. / 21:55

Тргнувањето на косовските царини засега само ветување

Тргнувањето на косовските царини засега само ветување

Ново уверување доби денеска македонската влада во врска со повисоките царини. Но, не дека тие веднаш и во целост ќе бидат тргнати туку дека за таквата можност наскоро ќе расправа косовската влада. Иако министерот Крешник Бектеши на средбата со мин за трговија Бајрам Хасани во Приштина тргна со уверување дека ќе успее да го предомисли Косово и во духот на досегашната одлична меѓународна соработка и ЦЕФТА договорот, да го натера ја повлече мерката за 30 % поголеми царини за увоз на македонско овошје и зеленчук, доби само ново одлагање на можното решение. Бектеши предочил дека мерката сеу ште важи за доматите, пиперките, грозјето, јаболката  на кои отпаѓа најголем дел од нашиот извоз истакнувајки ги огромните загуби на бизнис заедница.

„Добив уверување од косовската страна дека овие наши забелешки ќе бидат земени предвид и со оглед на фактот што станува збор за владина одлука, на првата наредна седница на Владата на Р.Косово, аргументите кои ги дадовме од наша страна ќе бидат изнесени пред членовите на Владата за да се изнајде решение кое ќе биде взаемно прифатливо“, кажа Министерот за економија Крешник Бектеши.

Вниманието на земјоделците и трговците беше целосно насочено кон овој состанок откако на средбата на министрите од регионот што се одржа во Белград,немаше никаква важна одлука за РМ. Во вторникот Приштина го ослободи увозот на 13 видови овошје и зеленчук но повисока царина се уште се плаќа за 7 производи. И покрај тоа Министерството за земјоделие ги оцени како успешни преговорите со Косово, и не најави воведување на контра мерки.

Федерацијата на фармери реагираше дека државава се однесува како да ја изненадил првиот снег. Справувањето со ваквата извозна криза според нив  ќе биде успешно само ако се воведат реципрочни мерки кон Приштина. Македонија не увезува земјоделски производи од Косово, а во првото полугодие од годинава направен е извоз на земјоделски производи од 2,5 мил.евра. Од 18 јули кога стапи на сила т.н. заштитната мерка, според пресметките на стопанствениците направени се  загуби од 3 мил.евра. Денеска преку граничниот премин Блаце, поминале три камиони натоварени со овошје и зеленчук.