Во буџетот за 2019 година има 10,2 милијарди денари повеќе средства за здравство, образование и социјална заштита, изјави денеска министерот за финансии, Драган Тевдовски.
– И годинава во буџетот за овие намени има алоцирано повеќе средства во однос на минатата година. Ова значи дека во континуитет се работи на зајакнување на овие сектори, а со тоа се вложува во човечкиот потенцијал и во зголемување на продуктивноста. – истакна Тевдовски на денешната презентација на „Систематската дијагностика за земјата“, изработена од Светска банка.
– Клучен фактор за економски развој и борба против сиромаштијата е човечкиот капитал. Со вложување во луѓето се зголемува продуктивноста, што ќе го поттикне економскиот раст и ќе креира подобро платени работни места. – додаде министерот во своето обраќање.
Тевдовски истакна дека Владата има направено сеопфатна реформа на системот за социјална помош и детска заштита. Со реформата, како што рече тој, Македонија е прва во регионот која воведува гарантиран минимален приход, а ќе се зголеми и опфатот на детскиот и образовен додаток.
Во однос на образованието, министерот рече дека се работи на зголемување на опфатот на децата во претшколско образование. Целта е опфатот да се зголеми од 30 % на 50 %.
Се работи и на подобрување на инфраструктурата, како и на квалитетот на програмите, како во образованието, така и во здравството. Министерот посочи дека подобро платените вработени се попродуктивни. Затоа Владата и оваа и следната година ги зголемува платите на вработените во клучните сектори, како здравството, образованието и детската грижа, вели Тевдовски.
– Имаме реален проблем во здравството со одлив на кадри. За таа цел и годинава и следната година предвидовме покачување на платите на здравствените работници, со дополнително покачување од 10 % за специјалистите. Кога вработените се подобро платени, тие се попродуктивни. За таа цел, ги покануваме платите и во образованието и детската грижа. Покрај јавниот сектор, со воведување повисоко ниво на минимална плата, како и владините мерки за поддршка на раст на платите, се придвижи спиралата на плати и во приватниот сектор. – рече Тевдовски.
Министерот рече дека Владата работи и на отворање нови работни места. И следната година во буџетот се предвидува највисоко ниво на средства за активните мерки за вработување. Се предвидуваат и мерките за поддршка на фирмите, кои треба да ги поттикнат иновативноста, извозот, инвестициите и отворање нови работни места, вели министерот за финансии.