Зголемен е бројот на пријави во месец април од страна на текстилните работнички за непочитување на уредбата за организирање на работниот процес и превоз на работници за време на полициски час од страна на работодавачите, регистрира Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Од пријавите на текстилните работнички може да се види дека работничките се превезуваат во несоодветни автобуси за време на полицискиот час од и до работа. Капацитетот на автобусите е далеку помал од бројот на работнички кои се превезуваат со нив, па практично е невозможно да се одржува препорачаната социјална дистанца од 2 метри.
Дополнително велат од Хелсиншки, текстилните работнички пријавуваат дека самиот работен процес во конфекциите е организиран на начин на кој не се почитува препорачаната дистанца во извршување на работните задачи и често работодавачите не им обезбедуваат на текстилните работнички задолжителна
заштитна опрема при работа.
-Воедно, во месец април Хелсиншкиот комитет доби пријави дека во дел од конфекциите во кои работат текстилните работнички не се врши задолжително дезинфицирање на погоните и на опремата, велат од комитетот.
Од Хелсиншки апелираат до Државниот инспекторат за труд да го зголеми бројот на инспекциски надзори
по службена должност во текстилните конфекции, особено во оние кои работат за време на полициските часови, со цел да се обезбеди доследно и континуирано почитување на уредбата за организирање на
работниот процес и превоз на работниците, а со тоа да се обезбедат здрави и безбедни услови за работа на текстилните работнички.