Се чини дека Microsoft не се откажала од идејата за претставување на свој паметен телефон, и покрај нивните досегашни проблеми во мобилната индустрија.
Компанијата веќе поднесе пријава за патент за дизајн, што ни дава повеќе увид во тоа како ќе изгледа идниот Surface Phone. Скицата покажува уред кој има два одделни дисплеи кои можат да се преклопат еден со друг како книга. Посебна рамка во средината обезбедува врска меѓу нив, објавија DigitalTrends.
Во веб-просторот веќе извесно време се шпекулираше дека Microsoft ќе обезбеди софтверска поддршка за двојни дисплеи во Windows 10. Новиот патент е уште еден доказ за ваквите намери на компанијата. Windows 10 Build 17650 вклучува голем број на драјвери кои се одговорни за телефонски повици и поврзување на Bluetooth додатоци. Оперативниот систем, исто така, нуди можност за видео повик, кој исто така е показател за нивните планови да го претстават новиот паметен телефон.
Се уште е премногу рано да се коментира за техничките спецификации на Surface Phone. Главниот фокус на уредот ќе биде иновативниот дизајн со два дисплеи. Официјалната премиера веројатно ќе се случи следната година. Враќањето на Microsoft на пазарот на паметни телефони, со сличен дизајн, има потенцијал да привлече повеќе корисници на уредот. Времето ќе покаже дали компанијата од Редмонд ќе стане првата, која ќе понуди паметен телефон со два дисплеи.