Слаѓана Тасева од „Транспаренси Интернешнл – Македонија“ во изјава за ТВ Алфа во врска со стечајот на „Еуростандард банка“, порачува дека случајот треба сериозно да се преиспита и да се види работењето на банкарскиот сектор.
Има јасно разработени постапки, порачува таа, кои укажуваат дека се извлекувани пари од банките за да се слеваат на сметки на фирми.
„Она што го раскажува Костовски, може изгледа како фикција таква, можеби нестварна приказна, но ние имам исти такви дејствија во други случаи, како што е случајот ’Кубус‘, со исти такви дејствија со извлекување пари од банките. Имаме јасни разработени постапки од страна на МВР и Управа за финансиско разузнавање кои укажуваат дека се извлекувани пари од банките за да се слеваат на сметки на имоти на приватни лица. И ова мора да се раздвои и од личностите и од политиката. Мора сериозно да се преиспита целиот случај и да се види работењето на банкарскиот сектор“, вели Тасева за ТВ Алфа.
За случајот со Еуростандард банка вчера во Собранието имаше и надзорна расправа на која присуствуваше и Трифун Костовски кој рече дека целата постапка со стечајот е голем криминал.
Пратениците од власта и опозицијата, пак, излегоа со меѓусебни обвинувања. Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, тврдеше дека 29 струмички фирми блиски до семејството Заеви со месеци наназад не ги плаќале кредитите, а Костадин Костадинов од СДСМ, пак, рече дека струмички компании на партнер на Христијан Мицкоски во бизнисот со хидроцентралите биле кредитирани без покритие.