Денеска гостин во „Утро со Златев“ беше Стефан Василевски, доктор по општа медицина кој има широки познавања и во областа на политиката. Тој е неколку кратен стипендист на најголемите светски самити во полето на здравството организирани од фондацијата на Бил и Мелинда Гејтс и слично. На емисијата се зборуваше и за моделот наречен „Swiss cheese“, а за тоа може повеќе да прочитате во продолжение.
Карантините или „lockdowns“ не само што се лоши и неефективни, туку и не се фер. Сиромашните потешко се справуваат од богатите фамилии, а приватниот сектор е повеќе погоден од државниот. Само модел базиран на слобода, ликвидност, но со силна индивидуална свест на граѓанинот, може да помогне во пандемијата. Како до тој модел?
– Јас лично сум голем поборник за вакцини и сметам дека тие во топ дострели во науката на човештвото. Сепак, сметам дека КОВИД вакцинацијата не треба да е задолжителна. Го почитувам слободарското право на граѓанинот да избере сам. Ниту сум за КОВИД пасоши и рестриктивни мерки за патување во 2021ва година, вели Василевски.
Моделот на „швајцарско сирење“ или „swiss cheese“ е еден од најсоодветните прикази за анализа на ризик и управување со истиот, кој перфектно се отсликува со ковид-19 кризата. Ја илустрира заканата (а) од Ковид-19 (најлево) кон (б) човечкиот организам (најдесно), преку повеќе парчиња швајцарско сирење, наредени едно зад друго, во кои ризикот од заканата да стане реалност се ублажува и се намалува со различните слоеви (мерки). Секој слој (мерка) е едно парче сирење. Повеќе слоеви ја намалуваат заканата. Сепак, мерките наведени на приказот во никој случај не ги загрозуваат социо-економскиот баланс на државата, бизнисите и граѓанинот
– Лекот не смее да биде полош од болеста, потенцира Василевски.
Секоја мерка како карантин или нелогични рестрикции, е надвор од овој круг на „swiss cheese”. На пример, доколку се одлучиме на карантин (lockdown), тој би бил додаден најлево, пред ковид-19 (види приказ 2). Да, додека трае карантинот можеби ќе се минимизираат часовите на потенцијална изложеност, но во никој случај не претставува соодветна и дополнителна мерка за превенција која како парче сирење би се додала во средина на приказот. Исто така, карантинот влијае врз социо-економски дисбаланс со потенцијални лоши ефекти врз менталното здравје. Дополнително, стимулира гужви пред маркетите и аптеките, со што се „бушат“ нови „дупки во сирењето” (системот).
Стефан Василевски кој утрово гостуваше на Радио Лидер, на оваа тема има напишано колумна за порталот Плусинфо.
Целото гостување на Василевски во „Утро со Златев“ може да го погледнете тука.