Економија 14. октомври 2018. / 21:53

Светска Банка: Продуктивноста на учениците во Македонија е само 53%

Светска Банка: Продуктивноста на учениците во Македонија е само 53%

Секое дете родено денес во Македонија, кога ќе порасне ќе биде продуктивно 53 проценти од она што би можело да биде ако имало целосно образование и било целосно здраво. Децата во Македонија, додека наполнат 18 години се очекува да завршат 11,2 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на наученото, тоа е еквивалентно на само 6,8 години што значи дека има јаз во учењето од 4,4 години, покажува најновото истражување на Светска банка.

„Вредноста на индексот, особено вредноста на образовните показатели укажуваат на итно преземање мерки. Се чини дека досегашните реформи не го трансформирале образовниот систем доволно за да им помогне на мнозинството ученици да ги достигнат барем основните знаења“, изјави Марко Мантованели од Светска Банка.

За ова истражување побаравме одговор и од министерот за образование и наука Арбр Адеми кој вели дека би ги прифатиле сите добронамерни сугестии за поквалитетно образование.

„Преку кредибилни исражувања можеме да видиме и да имаме јасна слика и од тоа да зависат нашите политики за подобрување на ситуацијата во нашиот образовен систем“, изјави Арбр Адеми, министер за образование и наука.

Извештајот ќе се анализира и со меѓународни партери и со сите засегнати страни. Веќе се креираат политики за подобрување на ситуација информира министерот, Адеми.