Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по 21-но часовна дебата во Собранието на Република Македонија, засега, го спречија или оневозможија СДСМ да му подари 33 милиони евра на Макпетрол, за преку тоа Заев да добие доминација на Телма, изјави денеска Дафина Стојаноска, членка на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
– Заев со народни пари сака да си купи медиумски простор, но и да го наполни џебот на еден олигарх. Власта сака на мала врата, без доволно информации и консултации со јавноста, да изгласа закон со кој ќе му се признае на „Макпетрол“ сопственост од 50% во гасоводот во Македонија и истиот да му се плати по енормно висока цена од 33 милиони евра, иако самата власт вели дека вредноста на влогот на „Макпетрол“ е 18,8 милиони евра. Се поставува прашањето: Зошто Владата на „Макпетрол“ сака да му плати екстра 14,2 милиони евра?, рече Стојановска.
Таа вели дека државниот правобранител не сакал да му даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот, зашто тој бил криминален.
– Заев знае дека тоа што го прави е нелегално и дека за тоа ќе има одговорност. Затоа ги тера пратениците со закон да му го легализираат криминалот. Никаде во светот и во правната наука не е видено спор да се решава со закон. Тоа е работа на судовите и на медијаторите. Заобиколувањето на судските инстанци и вмешувањето на Собранието е доказ дека Заев е свесен за криминалот што го прави, но не му е гајле ниту за народот, ниту за народните пари. Заев го решава случајот преку Собрание, со закон, затоа што така мисли дека ќе се заштити од подоцнежна одговорност. Тоа што седницата траеше до 8 часот изутрина говори колку власта прави криминал. И тоа, за криминал ги користи институциите, рече Стојаноска и порача дека ВМРО-ДПМНЕ ДПМНЕ повторно ќе се спротивстави на донесувањето на овој закон.
Таа нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да има за олигарсите, а да нема за народот!