Економија 21. мај 2020. / 12:49

ССМ бара недела да биде неработен ден за сите работници

ССМ бара недела да биде неработен ден за сите работници

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) смета дека здравствена криза предизвикана од Ковид-19 покажала дека е повеќе од потребно недела да биде неработен ден за сите работници.

Во изминиот период видовме дека со прогласените мерки и полицискиот час кој траеше за време на викендите целокупното општество може да фукционира и доколку недела е прогласен за неработен ден – соопштија од ССМ.

Оттаму потсетуваат дека покрај другите предлози за унапредување на работното законодавство во насока на заштита на работничките права и обезбедување баланс меѓу работата и семејството, ССМ веќе предложил ден на неделен одмор да бидат и сабота и недела.

Традиционално во нашата држава и во државите на нашето опкружување се прифаќа дека саботата и неделата се денови на неделен одмор заради почитување на семејните традиции и заштита на правата што е во согласност со Конвенцијата на МОТ бр. 106 за неделен одмор. Анализите и примерите  покажуваат дека работникот ќе биде попродуктивен ќе има повеќе време за семејството, за одмор и професионално надградување и дообразување, поврзано и со здравјето на работниците, а обврските можат да се завршат во текот на неделата, а истовремено да не трпи ниту бизнисот, ниту работниците и граѓаните – оценуваат од Сојузот.

Од ССМ сметаат дека со унапредување на работничките права и со создавање правна рамка за почитување на демократските вредности ќе се изнајде правно решение со кое недела ќе биде неработен ден.

Ваквата иницијатива на ССМ веќе се покажува и во пракса и голем број работодавачи своеволно ја прогласија недела за неработен ден. Тоа е примерот што треба да го следат и останатите работодавачи, како и Владата – наведуваат од ССМ.