По координативната средба со партиските лидери, техничкиот премиер, Оливер Спасовски, порача дека е важно да се применуваат мерките за спречување на ширењето на корона вирусот затоа што здравјето и животот на граѓаните мора да биде пред се.
Сепак, Спасовски истакна дека мора да се води грижа и за економијата којашто мора нормално да функционира. Спасовски изјави дека засега Буџетот е ликвиден и не мора да се размислува за евентуален ребаланс за кој би било потребно свикување на Парламентот, кој поради изборите веќе е распуштен.
Според Спасовски, кај граѓаните не треба да се јавува страв затоа што стоковите резерви се содветно пополнети како што предвидува и законската обврска и затоа граѓаните немаат неопходност да создаваат домашни залихи.
– Стоковите резерви се соодветно пополнети и апсолутно тука граѓаните не треба да имаат никаков страв. Упатувам апел дека одговорно однесување значи и дека не треба да ги преплавиме сите маркети и да бараме намирници заради тоа што нема навистина потреба од такво нешто. Едноставно, треба да се однесуваме нормално и без никава паника да реагираме на содветен начин – изјави Спасовски.
Тој најави дека на координацијата на економските ресори во Владата ќе се разговара за економските мерки што се предвидени за делот на стопанските капацитети за евентуална помош на економијата таму каде што е потребно.