Економија

Сопственикот на Амазон, Џеф Безос, во еден ден изгуби 9 милијарди долари

Сопственикот на Амазон, Џеф Безос, во еден ден изгуби 9 милијарди долари

Најбогатиот човек во светот, Џеф Безос за еден ден загуби 9,1 милијарда долари по вчерашниот пад на њујоркшката берза, пишува Форбс.

Вол Стрит во средата доживеа најголем пад од февруари годинава, а технолошкиот сектор беше особено погоден. Така, вредноста на акциите на Амазон падна за дури 6,15 отсто, што всушност е продолжение на негативниот тренд. Од почетокот на овој месец компанијата на Безос загуби 13,2 отсто од пазарната капитализација, а најголем дел од приходите на основачот и извршниот директор доаѓаат токму од 16 отсто од акциите во Амазон.

Освен Безос, уште шест милијардери кои се рангирани на листата на 20 најбогати луѓе во светот ги почувствуваа настаните на Вол Стрит.

Според пресметките на Форбс, на нив им се „истопиле“вкупно 11,9 милијарди долари. Меѓу нив се основачите на Гугл, Сергеј Брин и Лари Пејџ кои загубија 4,3 милијарди долари, додека Марк Цукерберг сега е посиромашен за 2,4 милијарди долари. Основачот на Мајкрософт, Бил Гејтс остана без 1,8 милијарди долари.