Европскиот суд за човекови права оцени дека Македонија не го заштитила имотот на лицата кои не сакале да ја подмират фиксната сметка за топлинска енергија на исклучените станови од мрежата за централно греење.
Тужителите Стрезо Стрезовски, Цане Николовски, Ацо Спасовски, Јосип Јуван, Зоран Костовски, Трајанка Накевска, Енвер Исени и Соња Налбанти – Димоска, кои се државјани на Македонија, со место на живеење во Скопје, се пожалија дека биле задолжени според националните регулативи да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна сума за затоплување на нивните станови, иако тие веќе не биле поврзани со мрежата за греење.
Сите тужители се сопственици на станови во станбени згради кои се поврзани со мрежа за централно греење, управувана од приватни добавувачи. Нивните станови биле исклучени од оваа мрежа или на нивно барање или на барање на поранешните сопственици пред 2012 година, датумот на влегување во сила на регулативата со која се обврзуваат корисниците кои веќе не се поврзани со мрежата да им плаќаат на приватните добавувачи фиксна годишна претплата.
Во 2013 година, Уставниот суд оцени дека одредбата од оваа регулатива е во согласност со Уставот, оценувајќи дека оваа фиксна наплата е цената, којашто корисниците кои се исклучени од мрежата морале да ја платат за топлината што ја примале индиректно од другите станови во зградите загреани од мрежата.
Домашните судови го потврдија ова толкување и ги отфрлија граѓанските постапки на жалителите со кои тие ја сопреа наплатата на фиксната претплата за која се жалеа. Судовите особено сметаа дека, како индиректни потрошувачи, од апликантите се барало да го платат фиксниот износ, без оглед на нивните индивидуални околности.
Во 2018 година, Врховниот суд го ограничи обемот на ова толкување со исклучување на плаќање на надоместокот за одредена категорија станови доколку се исполнети одредени услови.
Потпирајќи се на член 1 од Протоколот бр. 1 (заштита на имотот), жалителите тврдеа дека нивната обврска да ја платат спорната такса го нарушила нивното право на сопственост.
Според Судот од Стразбур, во овој случај имало прекршување на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права. Притоа е одлучено на жалителите да им се исплатат следните суми: по 1.000 евра на Исени и Налбанти-Димоска за нематеријална штета, како и 320 евра на Стрезовски, 2.100 евра за Исени и 360 евра на Налбанти-Димоска за трошоци.