Мерката за враќање на парите назад кај граѓаните преку поврат на 15% од ДДВ одлично се спроведува. Од први јули, откако започна да се реализира оваа мерка, скенирани се 2 милиони фискални сметки со остварен промет од близу 17 милиони евра, соопшти СДСМ.
–Од оваа сума, акумулирана за многу краток период, повратот на пари кај граѓаните изнесува над 260 илјади евра. Апликацијата ‘Мој ДДВ’ веќе ја инсталирале над 120 илјади граѓани.
Со мерката за поврат на 15% од ДДВ околу 50 милиони евра завршуваат кај граѓаните на крајот на годината, се вели во соопштението.
Според партијата, за прв пат државата враќа пари назад кај граѓаните, а тоа значи доход плус во семејниот буџет, а мерката за поврат на 15 отсто од ДДВ е последната во низата мерки кои обезбедуваат повеќе пари во семејните буџети.
Во соопштението уште се потсетува дека минималната плата е покачена од 9.000 на 12.500 денари, укината е радиодифузната такса и воведена е ефтината тарифа на струјата, мерка со која над 11 милиони евра завршуваат кај граѓаните. Исто така, социјалната помош е зголемена за 300%, земјоделците можат да вратат пари од персонален данок, а со мерката зелена нафта над 200 милиони денари остануваат за земјоделците.