Фирмата „Летница белвица“ е новиот концесионер што наредните шест години ќе стопанисува со рибниот фонд на Охридското Езеро кое го доби на користење со изменета риболовна основа.
Измените се однесуваат во делот на утврдување на периодот на мрест, времето во кое е дозволен риболовот, а намалени се количините на дозволен улов на охридската белвица и детално се уредени специфичните локации на мрест на рибите, особено за Охридската пастрмка, белвицата и крапот.
– Концесионерот на средбата рече дека моментално располага со 12 рибочувари со план за зголемување на нивниот број на 40 рибари, како и обезбеден глисер за контрола на езерото. Во тек е постапка за набавка и на глисер за потребите на Државниот инспекторат. Важно е да се вработат уште неколку инспектори имајќи предвид дека со два глисера и повеќе рибочувари ќе се подобри физичката заштита на рибниот фонд во Езерото, рече директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Зоран Шапуриќ.
За намалениот рибен фонд во езерото придонесува и слабата контрола на изловот на риба од албанската страна, како и климатските промени, велат од инспекторатот.