Блокада на судството и штрајк на судските службеници доколку не бидат исполнети нивните барања. Синдикатот на УПОЗ бара зголемување на платата од пет проценти на сите судски службеници од први јануари 2019 година, враќање на 40-те проценти скратени од платите за време на штрајкот во 2016-та, за кои како што велат тие било договорено да бидат вратени со премиерот Зоран Заев уште пред една година, но досега парите ги нема. Претседателот на УПОЗ, Пеце Грујовски вели дека одлуката за ова кратење била противзаконска и доколку не ги добијат назад средствата, правдата ќе ја бараат по судски пат. Тие бараат и израмнување со судиите, јавните обвинители и јавнообвинителските службеници, во делот на додаток на плата до 35 проценти.
-Итно бараме измените на законот за судска постапка по итна постапка да се донесат до 10-ти декември оваа година. Имаме ветување дека ќе влезат во собраниска процедура, но во ветувања веќе не веруваме. Исто така, до оваа дата, Владата да изнајде решение да ги врати парите на судските службеници. Бараме зголемување на платите на судските службеници од први јануари од пет проценти, изјави Грујовски.
Од синдикатот на УПОЗ бараат оставка од претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, велејќи дека во неговите зборови повеќе не веруваат, тие велат дека тој е надлежен само кога треба да се казнуваат судските службеници.
-Кога треба да се казнат судските службеници, Караџовски е работодавач, кога треба да се вратат парите не е работодавач, изјави Грујовски.
Од Здружението на судска администрација велат дека судските службеници се запоставени и дека револтот кај нив е премногу голем.
-Верувајте дека револтот е до тој степен нараснат, што нема да се откажеме додека не дојдеме до конечен резултат, независно од последиците, изјави Борче Мирчевски, претседател на Здружението на судска администрација.
Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вината пак ја префрла кај другите институции, велејќи дека не може да одлучува за платите на судските кадри, дека должност на Советот е да ги обезбеди парите, а на претседателите на судовите е да ги распределат на вработените.