Економија 29. август 2018. / 12:01

Шведските социјалдемократи ветуваат уште една седмица годишен одмор – од пет на шест недели

Шведските социјалдемократи ветуваат уште една седмица годишен одмор – од пет на шест недели

Шведските социјалдемократи, во моментов владејачка партија, ја претставија својата изборна програма во која ветија дополнителна седмица годишен одмор за родителите.

Според анкетите, социјалдемократите на изборите на 9 септември ќе останат најсилната партија, но поддршката им опаѓа од 2014 година, кога ја презедоа власта во малцинската влада со зелените.

Во Шведска со закон е пропишан годишен одмор од пет седмици за вработените со полно работно време, како и долготрајно родителско отсуство, поради што многумина во Европа им завидуваат.

„Многу работници тешко можат да користат годишен одмор кога се училишните празници“, пишува во известувањето на социјалдемократите. „Затоа сакаме дополнително да им помогнеме на вработените родители“, се додава.

Планот, кој ќе чини 5,4 милијарди шведски круни годишно (околу 5 милијарди евра), значи дека родителите на деца меѓу четири и 16 години ќе имаат пет дополнителни дена годишен одмор.

Премиерот Стефан Лофвен вети уште 35 милијарди круни (32 милијарди евра) за социјални услуги во следните четири години, како и зголемување на буџетот за војската и за полицијата.

Социјалдемократите, кои на изборите во 2014 година освоија 31 отсто гласови, според анкетите добиваат 25 отсто и се пред Умерената партија и Шведските демократи.