Економија

Сè уште нема епилог со грантовите за компаниите во сопственост на државни функционери

Сè уште нема епилог со грантовите за компаниите во сопственост на државни функционери

Фондот за иновации сè уште не знае што ќе се прави со четирите компании кои аплицираа за грантови, а за кои се откри дека во дел од сопственичката структура имаат носител на јавна функција.

Се работи за компаниите Декодикс, во која меѓу сопствениците е Христина Керкез, роднина на советничката на премиерот, Цветанка Ласкова, потоа Т-Сенс консалтинг каде малцински содружник е Мерита Адеми, член на семејство на министерот за култура Асаф Адеми, Микросам – Прилеп чиј акционер е поранешниот министер Веле Самак, како и Контура, каде сопственик е Елена Донева, член на семејството на екс-амбасадорот Јован Донев. Во Фондот за иновации им требало време за да изработат упатство со чија помош ќе се справувале со ваквите случаи.

„За многу брзо време, веќе во наредните денови, ќе излеземе со презентација на ова упатство, односно на овој протокол за проценка на ризик, кој ќе го искористиме и за овие четири компании, меѓутоа ќе го користиме и за сите наредни ситуации со коишто може да се соочиме понатаму…“, рече Јован Деспотовски – директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Откако беше побарано, компаниите самите се изјаснија дека во сопственичката структура имаат носител на јавна функција или негов близок роднина. Иако за четирите фирми допрва треба да се одлучува, Деспотовски најави дека парите што требало да им бидат доделени, ќе им се дадат на други фирми. Претходно од парите од Фондот се откажаа компаниите во кои еден од сопствениците е вицепремиерот Кочо Анѓушев.