Со измените на Законот за Данок на додадена вредност (ДДВ) се укинува сметкопотврдата – документ што служеше за правдање на трошоци, но и за право на одбивка. Соопштувајќи ја новината во предлог-измените кои треба да се изгласаат во Собранието, министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска истакна дека досега се носеле многу олеснителни мерки за да се подобри работата на компаниите, меѓутоа не и за сметкопотврдите што се користат уште од времето на поранешна СФРЈ. Во многу развиени земји, па и во регионот, рече таа, овој документ е укинат и веќе не се користи.
-Со укинувањето на сметкопотврдата, која произлегува од измената на Законот за ДДВ, компаниите и физичките лица ќе може да го остваруваат правото на одбивка со приложување на фискална сметка за трошоци направени за плаќање во готово или со картичка до 6.000 денари. Исто така, се ослободуваат ресурси, а многу е важно и заштитата на животната средина затоа што ако ги земеме предвид смекопотврдите на сите компании, сигурно се работи за многу исечени дрвја за да се продуцира хартијата, рече Ангеловска.
Бенефитите од укинување на сметкопотврдите ги нагласија и Елизабета Ицева од „Бета консалтинг“ и Ѕвонко Кочовски од „БДО Македонија“, истакнувајќи дека тие се непотребна процедура што го оптоварува работењето.
–Со укинување на сметкопотврдата се поедноставува постапката бидејќи сега имаме само еден документ за обработка на податоци, а не два идентични. Се штеди време, се штеди простор зашто сите тие документи треба да се чуваат некаде, во посебни услови, се штеди хартија и сето тоа многу ќе ја олесни нашата работа, рече Ицева.
Кочовски додаде дека ќе се подобри администрирањето помеѓу даночните обврзници во самиот промет.
-Ослободувањето на сметкопотврдата не претставува избегнување на обврската за докажување на прометот кај даночните обврзници. Таа обврска за нив останува, но намалувањето на администрирањето и евиденцијата многу ќе го олесни работењето, рече Кочовски.
Министерката Ангеловска додаде дека укинувањето на сметкопотврдите е само една од мерките во, како што рече, мозаикот за подобрување на бизнис-околината и намалувањето на административниот товар, посочувајќи дека со измените на Законот за ДДВ е подигнат и прагот од еден на два милиона денари за регистрација на ДДВ-обврзници и дека тоа го пофалила и техничката мисија на ММФ.