Економија 15. август 2018. / 17:07

Се повеќе банкротирани фирми во Македонија

Се повеќе банкротирани фирми во Македонија

Вознемирувачка вест за домашната економија или нормална селекција на економските субјекти – расте бројот на банкротирани фирми во земјава. Народна банка во најновиот извештај за финансиската стабилност нотирала дека лани стапката на банкротирани фирми пораснала на 3,2 отсто, откако во 2016 била на ниво од 2,1 отсто. Порастот значи дека поголем број фирми отишле во стечај во минатата година.

Од друга страна, пак, се намалува и стапката на формираните нови компании.

Според бизнисмените, овој податок е причина за загриженост за економијата, ликвидноста на компаниите е намалена. Тоа е производ на долгогодишната политичка криза, но и на намалените очекувања за работа.

„Воопшто не е добра информацијата, мора да се размислува за подобрување на бизнис климата, и за полесно отворање, и за полесно затворање на бизнисите, за да може потоа полесно да им се даде втора шанса на компаниите. Се уште не може да се каже дека компаниите ги исполнуваат сите обврски, намалена е ликвидноста, намалени се многу економски параметри и компаниите не можат да следат континуирано и ликвидно работење“, вели Миле Бошков, Конфедерација на работодавачи.

И од стопанската комора на северозападна Македонија сметаат дека намалувањето на претприемачката иницијатива, втора година по ред, е резултат на тешката економска состојба која влаадее во земјава неколку години наназад.