Околу 15 милиони возила на патиштата во Европа користат ЛПГ-автоплин. На ниво на ЕУ таа бројка изнесува осум милиони возила или 2,3 проценти од вкупниот број возила. Италија е лидер со 2,3 милиони возила со автоплин и со пазарен удел од 6,5 проценти во продажбата на нови возила во 2018 година. Според годишниот извештај на „Ликвид гас Јуроп“ за 2018 година транспортот учествува со 28 проценти во вкупната потрошувачка на плин во Европа.
Во извештајот се наведува дека ЛПГ претставува чисто алтернативно погонско гориво бидејќи речиси нема емисија на црни честички од согорување и има за 23 проценти помал ефект на создавање стакленички гасови од дизелот како алтернативно погонско гориво. Автоплинот е чист и лесно достапен, а во многу земји е значително поевтин од бензинот и дизелот. Според експертите, може да биде краткорочно и среднорочно решение за исполнување на стратегиите за намалување на аерозагадувањето, додека не се зголеми продажбата на возила со 0 емисија.
Во Европа има над 46 илјади бензински станици што продаваат ЛПГ, но сепак патувањето со автомобил на ЛПГ во Европа и регионот бара убаво планирање и подготовки, бидејќи постои голема разлика во цените од една до друга бензинска станица, како и дека не секоја бензинска станица нуди ЛПГ. Дополнително, не сите земји користат ист приклучок, па така освен т.н. италијански диш-адаптер што освен во Италија се користи и во нашата земја и повеќето земји од регионот, постојат и други адаптери, како што се белгискиот акме, холандскиот бајонет или европскиот што го користат Шпанија и делови од Франција.
Според податоците од МВР во 2018 година на територијата на нашата држава биле регистрирани 12.322 возила со ЛПГ како погонско гориво, што претставува само 5,75 проценти од вкупно 214.010 возила со бензиски агрегат или 2,5 проценти од вкупно регистрирани возила. Истовремено, најголем број од регистрираните возила 25.540 биле на дизел, а само 112 на електрична енергија.
Во Европа 2,3 проценти од возилата користат ЛПГ
Извештајот на АЦЕА за транзицијата кон мобилност со 0 емисија од септември 2019 година покажува дека уделот на нови возила со алтернативен погон на ЛПГ или Е85 (етанол) во Европа во 2018 година изнесува 1,1 процент со вкупно продадени 164,310 возила.
Имаме најевтин автоплин во регионот
Моменталната цена на автоплинот во нашата земја е 30 денари за литар, што е за два пати поевтино од бензинот, чија моментална цена изнесува 67,5 денари за литар и дизелот со цена од 62,5 денари за литар.
Во нашата земја има 84 станици на кои може да се купи автоплин со просечна цена од 30 денари или 0,47 еврa, што е најевтин во регионот.
На второ место со просечна цена од 0,50 евра се Албанија и Црна Гора. Додека во Албанија се регистрирани 121 бензинска станица на која може да се дополни ЛПГ, во Црна Гора автоплин имаат само 24 бензиски станици.
Најскап автоплин во континентална Европа има во Франција, каде што просечната цена е 0,87 евра. На територијата на Франција има 1.763 бензински станици со диш и евроадаптер.
Во Холандија просечната цена на автоплин изнесува 0,81 евро и се нуди на 1.945 бензински станици со бајонет-адаптер. Потоа следува Австрија со просечна цена од 0,77 евра, но само на 50 бензински станици поделени меѓу акме и диш-адаптер.
Во Шпанија просечната цена на автоплин е 0,72 евра и може да се купи на 512 станици, со бајонет и евроадаптер. Следна е Унгарија со 0,71 евро и мрежа од 441 бензинска станица со диш-адаптер.
Во Романија просечната цена е 0,65 евра и може да се дополни на 1.158 станици со диш-адаптер, како и во Италија каде што просечната цена е 0,61 евро за литар и се нуди на 3.367 бензински станици.
Во Германија просечната цена е 0,60 евра и е достапен на 7.242 бензински станици со акме и евроадаптер.
Најевтин автоплин има Полска, каде што просечната цена е 0,45 евра и може да се дополни на 6.800 бензиски станици со диш-адаптер. Потоа следува Чешка со просечна цена 0,51 евро и мрежа од 1.187 бензиски станици со диш-адаптер. Во Белгија просечната цена на литар ЛПГ е 0,53 евра и може да се дополни на 615 бензински станици единствено со акме-адаптер, додека во Словачка цената за литар изнесува 0,55 евра и може да се најде на 546 станици со диш-адаптер.
Разликата во адаптерите не претставува поголем проблем доколку се патува со автомобил на ЛПГ во Европа бидејќи поголемите бензински имаат на располагање и може да побарате конвертор од еден на друг адаптер. Сепак, најдобро е да се направи план пред некое подолго патување. На автопат постои голема разлика во цените од една до друга бензинска станица и не секоја бензинска станица нуди ЛПГ, па често доколку се пропушти една, следната бензинска со ЛПГ може да биде и до 150 километри растојание.
Дизелот падна под 30 проценти на пазарниот удел во Европа
Последните податоци на Асоцијацијата на производители на автомобили во Европа АЦЕА покажуваат дека побарувачката на нови дизел-возила во Европа продолжува со трендот на намалување и во третиот квартал на 2019 година остварува пазарен удел од 29,1 проценти. За споредба, побарувачката на нови бензинци дополнително се зголемува и остваруваат пазарен удел од 59,5 проценти.
Во истиот период, електричните возила остваруваат 3,1 проценти од вкупниот број нови продадени возила, додека сите возила со алтернативен погон заедно имаат пазарен удел од 11,3 проценти во последниот квартал.
Од јули до септември 2019 година бројот на нови дизел-возила регистрирани во ЕУ е намален за 14,1 проценти на еден милион единици. Тоа резултира со пад на пазарниот удел од под 30 проценти за дизел-возилата. Четири од пет најголеми ЕУ-маркети бележат двојно поголем пад на продажбата на дизели, па така Шпанија има пад од 34,7 проценти, Италија 24,5, Британија 20,8 и Франција 12,6 проценти.
Бензинците имаат раст од 6,1 проценти во споредба со истиот период минатата година. Со тоа пазарниот удел на бензинците се зголемува од 57,4 проценти на 59,5 проценти во третиот квартал на 2019 година.
Во истиот период продажбата на возила со алтернативен погон во ЕУ бележи силен раст од 46,2 проценти. Продадени се околу 110,630 електрични возила, што е раст од 51,8 процент во споредба со минатата година. Растот се должи на сегментот на електрични возила со батерии, кои бележат раст од 126,3 проценти, додека плагин електричните возила бележат пад од 7,6 проценти. Раст од 47 проценти имаат хибридните возила со продажба на 223,868 возила во периодот од јули до септември 2019 година. Останатите возила со алтернативен погон, меѓу кои се возила со погон на етанол, ЛПГ и природен гас, имаат раст од 36 проценти.