По седум години Република Србија повторно ќе биде домаќин на големиот настан за бизнис лидери – САМИТ100. На 1 и 2 октомври, во хотелот ” Hyatt Regency ” во Белград ќе се соберат на регионален состанок над 200 бизнис лидери и врвни политички претставници од земјите во Југоисточна Европа. Централната тема на САМИТ100 2018 ќе биде дигиталната трансформација т.е. како, искористувајќи го потенцијалот на 4-тата Индустриска револуција, да се направи “квантен” скок кон развиен и глобално конкурентен регион.
Регионалниот состанок САМИТ100 на бизнис лидери е прв и единствен собир од ваков вид во регионот и е замислен како платформа за економска поврзаност и конкретен придонес на бизнис лидерите во политичките напори насочени кон подобрување на економската соработка и конкурентноста на регионот. Намерата на организаторот е, поврзувајќи ги бизнис лидерите и државниците, да ги отвори перспективите за зајакнување на конкурентноста на националните економии како и конкурентскиот потенцијал на цела Југоисточна Европа, а со тоа да овозможи зголемување на квалитетот на животот во регионот.
Иницијатор за овој собир е Српската асоцијација на менаџери во соработка со Здружението на менаџери од Словенија, Хрватската асоцијација на работодавачи, Фондацијата Атлас од Црна Гора, Алкалоид АД од Македонија, ББИ Банка и АСА Холдинг од Босна и Херцеговина. Годинава во Белград ќе се соберат повеќе од 200 учесници – водечки бизнисмени од регионот, премиери и шефови на држави од регионот, министри, како и високи претставници на меѓународни институции, партнерски организации и медиуми.