На денешната седница, Владата донесе одлука за продолжување на законскиот рок за склучување договори за производство и откуп на тутун за реколта 2020, што го склучуваат производителите на тутун со регистрираните откупувачи на тутун.
Со оваа одлука, наместо до 31 март, рокот за склучување договори се продолжува до 30 април. Како што велат од Министерството за земјоделство, ваквата одлука е донесена поради вонредната состојба на територијата на државата прогласена заради епидемијата од корона вирусот, поради што процесот на склучување на договори во месец март, не се одвиваше со иста динамика како во месец февруари 2020 година.
– Според извештаите кои произлегуваат од информативниот систем за евиденција на тутун (ИСЕТ), за реколта 2020 година до денеска се склучени 29.531 договори, на површина од 11.936 хектари за планирана количина од околу 22.654 тони тутун – се вели во соопштението.
Од Министерството соопштуваат дека во координација и по барање на откупните претпријатија и на производителите на тутун, за да можат да склучуваат договори и по законскиот рок, кога би се договориле околу 1.500 -1.600 тони тутун, МЗШВ предложило, а Владата го прифатила предлогот за одложување на рокот за склучување договори за производство и откуп на тутун, односно продолжување до крајот на овој месец.