Многу труд за малку пари. Лозарите се револтирани откако на социјалните мрежи се појави ценовник со премногу ниски откупни цени на грозјето. Една винарница објавила дека ќе откупува килограм смедеревка за 4 денари, а вранец за 7 денари. Лозарите од тиквешкиот регион велат дека винарницата упорно тврдела дека не се работи за нивните цени и дека некој сакал да им го наруши угледот, како и тоа дека го пријавиле случајот за злоупотреба на интернет. Сепак, лозарите се кренаа на нозе. Притисокот за што пониски цени го трпат секоја година. Тие бараат смедеревката да се откупува за 14, а вранецот за 16 денари. Гневни се бидејќи цените се речиси исти три децении, а трошоците само се зголемуваат. Винарниците тактизирале и не се уште не ги објавиле ценовниците. Лозарите бараат да интервенира и министерството за земјоделство.
Утре лозарите ќе имаат состанок во Општина Кавадарци со винарниците и локалните власти за да разговараат околу годинешните цени на грозјето. Лани смедеревката се откупуваше за најмалку 10, а вранецот за 13 денари, па нагоре. Лозарите тврдат дека родот е добар и дека грозјето има голем број шеќерни единици. Обвинуваат дека и покрај тоа винарниците се обидуваат да манипулираат со цените. Токму во најкризната година, винарниците им рекле дека родот е голем и дека нема да биде откупен во целост.
Проблемите со откупот и цените на грозјето придонесоа за тоа да има се помалку земјоделци кои се занимаваат со лозарство. Дури 15% од лозјата стоеле напуштени, површините се запуштиле, а младите масовно се иселуваат.