Владата мора да го намали јавниот долг од 48.8% од БДП кој одамна надмина 5 милијарди евра – велат од Советот на странски инвеститори. Парите ретко завршуваат во продуктивни проекти, бидејќи според последните податоци Владата има катастрофална реализација на капиталните инвестиции во првите 8 месеци од само 23% од планираното за цела година.
Странските инвеститори и сугерираат на Владата дека и доколку се задолжува повторно за да враќа стари долгови, но тоа да го направи што е можно поевтино.
Се уште не е решен ниту проблемот со 120 милионскиот долг на општините. И покрај тоа што министерот Тевдовски вели дека нема потреба од ребаланс на буџетот, премиерот денеска повторно најави дека до петок ќе се знае дали ќе се прекројува државната каса.
Владата редовно се задолжува на домашниот пазар. Само минатиот вторник им продаде на банките државни хартии од вредност во висина од 57 милиони евра. Во меѓувреме, капиталните инвестиции реализирани во август изнесуваат 7.7 милиони евра или многу помалку споредено со 18-те милиони во јули и 11-те милиони евра реализирани во јуни оваа година. Во буџетот за годинава Владата предвиде капитални инвестиции во вредност од скоро 400 милиони евра.