Економија 21. јуни 2020. / 21:56

Реакција на ММА: Операторите направија кривично дело и дрзок упад во програмите на пет национални телевизии во Македонија, настан без преседан во Европа

Реакција на ММА: Операторите направија кривично дело и дрзок упад во програмите на пет национални телевизии во Македонија, настан без преседан во Европа

Македонската медиумска асоцијација, која ја сочинуваат петте национални телевизии Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма, денешниот потег на кабелските оператори го смета за упад во нивните програми, кога наместо реемитување на програмата, одеше бланк и некакво соопштение од операторите.

Причините за ова самоволие и тешко кривично дело не ни се познати. Кабелските оператори велат дека станувало збор за некаква неуставна законска регулатива, но за спорови околу уставноста на законите се произнесува Уставен суд, а не се прекршуваат договорите за реемитување со телевизиите, и не се малтретираат корисниците и гледачите кои за услугите плаќаат за да гледаат програма. Оние кои произведуваат програма знаат дека екранот е светост, кон црн екран преминуваат само оние што не знаат колку е тешка работата да се произведе гледана и квалитетна содржина, туку се научени без никаква надокнада да преземаат содржина и од тоа да прават профити.

Особено сме изненадени од самоволието на Дојче телеком и А1 Австрија, како убедливо најголеми оператори, бидејќи знаеме дека овие компании не би ни помислиле да сторат вакви кривични дела во нивните држави. Една од причините за ваквата аздисаност и крајно некоректно однесување, е и фактот што кабелските оператори постојано нелегално реемитуваат телевизиски канали и програми за кои немаат регулирано авторски и сродни права, за што имаат десетици кривични пријави и тужби, а  јавното обвинителство не постапува против овие осомничени криминалци, со цврсти и обемни докази и аргументација. Непостапувањето на обвинителството доведе до постојано преповторување на истите кривични дела со пиратерија, како и денешното ново кривично дело, а тоа е дрзок упад во програмите на пет национални телевизии во Македонија, настан без преседан во Европа.

Инаку петте национални телевизии имаат валидни договори со операторите во кои прецизно стои дека оператроите немаат право на каква било измена на програмата, како што тоа го направија денес. Сакаме да ги известиме гледачите дека нашите пет телевизии целосно ги имаат уредено авторските и сродните права за целата содржина што ја емитуваат, а Управителите за тоа гарантираат под целосна морална и кривична одговорност. Се надеваме дека институциите и обвинителството соодветно ќе реагираат за овие прекршители да немаат можност да го повторат ова исто кривично дело, а дека Владата и институциите ќе ги заштитат авторските и сродните права како што е насекаде во Европа, и нема да подлегнат на вакви уцени и силеџиство, што сите го видовме вечерва, се вели во реакцијата на ММА.