Поголема праведност во одданочувањето, подобра наплата на приходите, даночен систем кој ќе поттикне инвестиции и иновации, поголема даночна одговорност и повисока даночна транспаретност, се приоритетите на Стратегијата за реформа во даночниот систем за која денеска беше организирана јавна расправа со сите засегнати страни.
На јавната расправа, што се одржа во Министерството за финансии, министерот Бесими рече дека ковид-кризата носи голема доза на неизвесност, но оти неизвесноста и ризикот може да се намалат доколку се идентификуваат сите можни сценарија и се подготви соодветен одговор на нив.
-Стратегијата за реформа на даночниот систем е составен дел на пошироката среднорочна политика на забрзан раст. Таа ги утврдува генералните насоки за реализација на приходната страна на буџетот и внимателно дизајнирање на даночното оптоварување. Како да постигнеме некои од суштинските цели, односно намалување на неформалната економија, намалување на економската нееднаквост, надминување на тешкотиите во собирањето на јавни приходи, адресирање на софистицираните техники за избегнување и затајување на даночните обврски, како и одговор на предизвиците за заштита на животната средина и новите технологии и воопшто креирање на даночен систем кој ќе ги поддржи инвестициите и иновациите, а со тоа и економската актовност и забрзан раст. Целта на оваа Стратегија – во синергија со другите стратегии и политики – е да понуди одржливи решенија за овие проблеми, рече Бесими.
Од аспект на поголема праведност во оданочувањето, на дискусијата беше посочено дека главниот фокус ќе биде воспоставување вертикална праведност.
Беше истакната и потребата од зголемување на свеста на даночните обврзници да ја исполнуваат својата обврска како и бенефитите од тоа.
Во насока на обезбедување поголема транспарентност предвидени се активности за размена на информации меѓу даночните органи и други субјекти, која во прв ред ќе се заснова на електронски услуги. Истовремено ќе се подобрува и квалитетот на услугите на начин кој ги поедноставува и забрзува постапките и го намалува административниот товар. Во таа насока ќе се реализира и приоритетот за дигитализирање на процесите.
Врз основа на Стратегија, беше наведено, предвидено е секоја година да се прават акциски планови со конкретни мерки за дејствување.