Економија 09. ноември 2018. / 22:58

Продолжува расправата за ребаланс на буџетот

Продолжува расправата за ребаланс на буџетот

Пленарната расправа за Дополнетиот предлог за изменување и дополнување на буџетот, во второ читање, почна денеска и согласно собранискиот Деловник, може да трае три дена.

Државата се уште ги исплаќа парите од фасадите и спомениците што ги градеше ВМРО-ДПМНЕ, ги враќа долговите од изминатите десет години. Точно, мала е реализацијата на капиталните трошоци, но ако сте чесни, кажете зошто е тоа така и кои се причините, реплицираа пратениците од СДСМ по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека актуелната власт со предлог-ребалансот на Буџетот драстично ги крати средствата за образованието и за здравството, а изминатите 12 месеци не остварила ништо од она што ветила.

– Ништо што ветивте, не остваривте. Кратите основни капитални проекти, пари што сами сте ги проектирале. Ние изградивме фасади и споменици, но оставивме и спортски сали и училишта и градинки. Продолжете и вие да градите, а не да кратите. Ги стопирате гасификацијата и изградбата на новиот клинички центар во Скопје, а намалени се и 60 милиони денари за загадувањето. – рече Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ во попладневната собраниска расправа по ребалансот на Буџетот, откако претходно, во претпладневниот дел министерот за финансии Драган Тевдовски ги образложи проекциите.

Кузмановска оцени дека е катастрофална економската политика што ја води СДСМ. Зголемени се, рече, јавниот и државниот долг, а во однос на ребалансот, решението за поддршка на општините не е добро. На тоа реагираше министерот Тевдовски, напоменувајќи дека сите фискални параметри се одлични и остварувањето на приходите е според проекциите. Ваква ситуација, потенцира, немало со години. Дека поддршката на општините е лоша пракса, укажа и Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ. Според него, за економските параметри најдобар показател е последниот извештај на ММФ.

Томислав Тунтев од СДСМ потсети дека долговите на општините не настанаа последнава година, туку се резултат на работењето на градоначалниците од претходните години поради што и не можат да се подмират за една година. За Драган Цуклев од ВМРО-ДПМНЕ, не држат веќе оправдувањата на власта од типот: грешки во проекти, непланирани клучки, промашена траса.