Народната банка во последниот квартален извештај нотира дека странските инвестиции за првите три месеци година изнесуваат 21.6 милиони евра.
На нето-основа, врз основа на странски директни инвестиции, во првиот квартал од 2019 година се остварени нето-приливи од 21,6 милиони евра. Овие остварувања, според Народната банка, се резултат на нето-приливи кај сопственичкиот капитал 75,5 милиони евра и реинвестираната добивка 90,6 милиони евра, додека кај меѓукомпанискиот долг се остварени нето-одливи од 144,5 милиони евра.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ потенцираа дека ова е најлош прилив на странски инвестиции во последните 10 години. Нови инвестиции речиси и да немало, а не ретко фирмите ги повлекувале парите во своите матични компании во странство. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски повторно потенцираше дека историски најголемиот обем на странски инвестиции лани бил нереален и резултат на реинвестираната добивка на веќе присутните компании во земјава.
За вицепремиерот Кочо Анѓушев, ова е најдобар прв квартал на оваа Влада, а странците во првите три месеци донеле пари за да инвестираат 78.8 милиони евра, иако бројките на Народната банка велат дека сумата изнесува 21.6 милиони евра.
Останува нејасно дали Анѓушев бегајќи од одговорност не ја прифаќа методологијата на Народната банка за која пак лани исто така за првиот квартален извештај одржа помпезно прес конференција, а тогаш објавената сума на странски директни инвестиции по истата методологија беше прифатлива за него.