Економија 15. август 2018. / 17:00

Приливите од странство од лични трансфери, помош и подароци, нема да се оданочуваат

Приливите од странство од лични трансфери, помош и подароци, нема да се оданочуваат

Податоците кои ќе ги добива Управата за јавни приходи ќе бидат „енкриптирани“ со цел да се заштитат личните податоци на граѓаните. Ова ниво на заштита е повисоко и од актуелното. Во насока на заштита на личните податоци, веќе се подготвуваат промени и во Законот за Управата за јавни приходи.

Ова денеска го соопшти Министерството за финансии, откако заедно со Управата за јавни приходи и Македонската банкарска асоцијација одржале состанок, на кој договориле прецизирање на текстот на измените на Законот за банки. Измените ќе стапат на сила од почетокот на идната година, бидејќи се потребни за изработка на претпополнетата годишна даночна пријава.

Со ова, велат од финансии, како и во најголем дел од европските земји граѓаните ќе се ослободат од пополнување на годишната даночна пријава. Нема никакви промени кај третманот на дознаките од странство. Ова значи дека и понатаму ќе се применува постоечкото законодавство, според кое приливите по основ на лични трансфери, помош и подароци не се оданочуваат со персонален данок на доход, стои во соопштението од Министерството за финансии.

УЈП и Македонската Банкарска Асоцијација ќе ја продолжат соработката со цел успешно да се имплементира законот.

УЈП и со постоечкиот закон добива податоци за сметките на граѓаните на писмено барање. Со промените би се добивала само приходната страна по автоматизам, за останатите податоци Управата и понатаму ќе мора да поднесе писмено барање. Трошењата на граѓаните и состојбата на сметката не и се потребни на УЈП за изработка на претпополнетата даночна пријава.