Економија 08. февруари 2020. / 16:26

Прекината блокадата на железничкиот транспорт

Прекината блокадата на железничкиот транспорт

Пот пет дена прекин на работата, нормализиран е железничкиот товарен сообраќај, а патничкиот ќе биде во функција по полноќ, откако е постигнат договор помеѓу машиновозачите и раководството на ЖРСМ Транспорт.

Од раководството наведуваат дека со цел фирмата да не трпи дополнителни финансиски штети постигнат е договор од попладнево да се нормализира товарниот сообраќај, откако ќе бидат направени потребните подготовки и патничките возови, а во меѓувреме да продолжат преговорите за барањата на машинскиот персонал кој со бојкотот на работата што почна  пред пет дена бараше зголемување на надоместот за квалитет на плата од 30 на 40 проценти.

Душко Чакаровски, претставник на машиновозачите, за МИА изјави дека товарниот сообраќај е во функција, а ќе се нормализира и патничкиот, како и дека е договорено да нема санкции против никого.

Постигнат е договор, двете страни се задоволни, и понатаму ќе имаме разговори со тоа што повторно како апел кажуваме дека никогаш не сме барале нешто на сила, но сакаме  секогаш да бидеме информирани навреме  за состојбите во фирмата – вели Чакаровски.

Штетите од бојкотот на железничкиот транспорт до вчера изнесуваа девет милиони денари.