Економија 14. февруари 2020. / 22:04

Правото на сопственост е право на живот!

Правото на сопственост е право на живот!

Во последните неколку денови, некако успевам да бидам имун на политичките акробации на власта која во 5 до 12 сака да извлече од избори. Искрено, воопшто не ми е гајле дали Заев ќе падне во април или во ноември. Не ми е гајле дали ќе се донесе нов закон за Јавно обвинителство. Немам ниту нерви, ниту време да се замарам за тоа дали поради смешна причина ќе ја разрешат Рашела Мизрахи. Оваа земја има многу поголем проблем. Проблем поради кој месечно се иселуваат по 10.000 граѓани – се вика еконономија.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Постојано слушаме како ни филозофираат за индивидуални човекови права, но, сите големи „граџански активисти“ затрупани од грантови и усмрдени во кабинетите на „Јустинијан Први“ забораваат да ни кажат дека најважно човеково право, покрај она „на живот“ е правото на приватна сопственост.

Нема слобода без сопственост! Сите други права се апстрактни освен суверенитетот и правото нешто да поседуваш. Секоја друга црвена линија помеѓу поединецот и државата е имагинарна, освен онаа на приватната сопственост. Затоа ова право го сметам за најважно. Дури и да ми се загрозени политичките слободи, доколку имам право и слобода да одлучувам што ќе правам со она што е мое – јас сум слободен човек.

Замислете дека сте акционер во „Тетекс“. Од заштедата сте купиле акции на берза, по што компанијата се затворила и губите значителен дел од своите пари. Нешто што реално може да ви се случи во многу посериозни држави од нашава. Тоа е, бизнисот е ризична работа и не секогаш ќе ги оплодите вашите пари. Но, она што не може да ви се случи во сериозна држава е да дознаете дека член на управниот одбор на компанијата (Тито Беличанец) ги продал своите акции една недела пред затворањето и од тоа заработил 150.000 евра.

Во една Америка да речеме, 15 минути по објавувањето на оваа информација, федсите (се мисли на FBI) ќе му се нацртаат на Тито Беличанец пред куќа и како куче со лисици ќе го спроведат во притвор за „insider trading“, по што во наредните неколку месеци облечен во портокалов комбилизон ќе ја чека својата пресуда од минимум 10 години затвор.

Во нашата олигополска бара наместо во портокалов комбилизон, Тито Беличанец смрди во ефтина кошула и глуми угледен граѓанин кој морализира на фејсбук. Тоа е разликата помеѓу држава во која имате право на сопственост и држава од која младите се иселуваат.

Замислете дека вие се викате Ивица, цел живот напорно работите во странска компанија за огромна плата. Сте го погледнале брилијантниот проект за централата „ТЕ-ТО“ и таму сте ја вложиле целата ваша заштеда. По некое време дознавате дека сте направиле одличен избор, компанијата остварува добивки од 120 милиони евра годишно за што ви следува огромна дивиденда. Но, дошле Леонид Лебедев, Кочо Анѓушев и/или Сашо Мијалков и практично преку лажен стечај направиле шема и ви ги собрале вашите пари. Зад нив стои судот, УЈП и уште 4-5 институции. Потоа, некој Зоран Заев им го простил данокот за украденото во вредност од 20 милиони евра.

Во САД, Велика Британија, Германија, Јапонија… четворицата злосторници до сега ќе беа барани преку „Интерпол“. Кај нас, последниот сака по втор пат да биде премиер, претпоследниот е угледен стопанственик со хотел на плоштад и нафташ, вториот е нешто многу чесен а првиот седи во скутот на Путин и пере пари заедно со оние кои се живо обвинуваат за русофилија.

Сакате уште некој пример? Ги има стотици! Сегде околу вас. Боки 13 и Кичеец се ситни џепароши во споредба со милионите кои секојдневно некој преку политичко влијание и криминал ги краде од обичниот човек загрозувајќи ја неговата сопственост.

Баш пред некој ден, на еден пријател инвестициски банкар од САД му ги презентирав бескрајните капацитети на државава во делот на производство на електрична енергија преку сончеви колектори. Во земјава има илјадници парцели на кои доколку се создадат современи платформи, може да се прават милиони дури и без субвенции од државата а струјата да се продава на европските берзи.

Човеков ме гледа, ми се чуди и ми вели „Во вашата земја, никој нормален не би инвестирал ниту цент!“, објаснувајќи ми дека доколку сум паметен и доколку имам заштеда би требало да ги извадам парите надвор. Истиот совет ми го даде и за недвижнини: „Продај го станот, со парите купи стан во Загреб и издади го под кирија, а во Македонија живеј под кирија со истите пари. Кога веќе си одлучил таму да живееш.“.

Сериозно ме замисли човеков. Кој нормален би го ризикувал својот капитал за да му го украдат хиени, секогаш помогнати од државата? Никој не би сакал да се заглави онаму каде што е загрозено правото на приватна сопственост, тоа е како да играш рулет со сите пари вложени на нула.

Затоа нема економски раст, затоа младите си одат. Буџетот е огромен и над 40% од популацијата живее на државна сметка, нема безбедност на капиталот, нема раст. Нема ни да има доколку некој не одлучи дека на земјава и се потребни стабилни институции кои ќе ја чуваат индивидуата и капиталот.

Правото на сопственост е право на живот кога е во прашање Македонија!