Економија 13. октомври 2018. / 14:40

Повисоки плати и нов колективен договор во Фени по завршување на стечајот

Повисоки плати и нов колективен договор во Фени по завршување на стечајот

Договори на неопределено време и повисоки плати за вработените на ФЕНИ по целосното завршувањето на стечајната постапка. Просекот на плати е зголемен, но поради стечајната постапка тие добиваат договори на определено се додека процесот не се оконча.

Од гранковиот синдикат, исто така чекаат и формално ФЕНИ да излезе од стечај за да биде спроведено планираното.

-Од името на Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија можам да изразам задоволство по усвојувањето на планот за реорганизација за Фени Индустри. Платите на вработени од месец во месец се зголемуваат. Ние редовно се сретнуваме со раководството на ФЕНИ. Сепак, ФЕНИ се уште се води како во стечај и судот треба да ја потврди одлуката. Тоа е единствената пречка за да почнеме со преговорите за колективен договор и останатите бенефиции за вработените. Се додека не излезе и формално од стечај ние сме ограничени, а вработените го очекуваат тоа од нас“, изјави Пеце Ристески, претседателот на гранковиот синдикат СИЕР при Сојузот на синдикатите на Македонија.

Планот за реорганизација како позитивен и перспективен беше изгласан и прифатен со 98 постотно мнозинство од Собранието на доверители, што претставува првпат во Македонија за кој било план да е прифатен со толкаво мнозинство.

Прифаќањето на планот значи конечно излегување на ФЕНИ Индустри од стечајот и завршување на неизвесност за опстојување на комбинатот. Планот, којшто е поднесен од ГСОЛ/ ЕуроНикел предвидува иднина и перспектива за комбинатот, поткрепена од крупни инвестициски потфати. Реорганизацијата со инвестициските планови ќе донесе зголемување на производните капацитети, нови вработувања, рестартирање на втората производна линија, пазарна експанзија и зголемување на извозните можности. ГСОЛ покажа сериозност во целиот процес преку откуп на сите побарувања во целост.

Менаџерскиот тим, предводен од Герасим Кујунџиев и Андреас Цагарис, посочен во планот за реорганизација досега на терен покажа одлични резултати. Реализирање на планот за реорганизација на ФЕНИ има позитивни импликации за целиот кавадаречки регион, но и за македонската економија. Покрај редовните плати на повеќе од 800 вработени и тековно зголемување на нивниот број, ФЕНИ соработува со приближно 200 компании од Кавадарци и околината, а базата на добавувачи на ФЕНИ вклучува над 1000 домашни компании, чие успешно опстојување е директно поврзано со работењето на ФЕНИ.