Една година по донесувањето на новиот Закон за енергетика, денеска во Владата беа потпишани договори со 11 инвеститори за изградба на фотоволтаични електрани на државно земјиште, на локации во Манастирец, Македонски Брод и Азамбегово, Свети Николе.
Вкупната инсталирана моќ на овие електрани е од 35 мегавати, изјави министерот за економија Крешник Бектеши и додаде дека во петок е закажано потпишување на договор за изградба на фотоволтаици на приватно земјиште со вкупен капацитет од 27 мегавати.
– Инвеститорите, со кои денеска потпишуваме договори за изградба на фотоволтаици, на државата и дадоа 2,7 милиони евра, потенцира министерот Бектеши.
На потпишувањето на договорите присуствуваше и техничкиот премиер Оливер Спасовски кој рече дека реформата во енергетскиот сектор што се спроведе во изминатите две години е една од најзначајните.
-Денеска граѓаните плаќаат најниска цена на електрична енергија што е резултат на направеното во изминатите две години… Една од главните цели на енергетиката е инвеситирање во зелена енергија, рече Спасовски.
Со денешното потпишувањето на договори со девет компании, како што кажа, ќе се изградат 11 фотонапонски централи на државно земјиште со вкупна инсталирана моќ од 25 мегавти во Свети Николе и 10 мегавати во Македонски Брод.