Економија 23. декември 2019. / 17:19

Поставен камен темелник за земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд ленд“

Поставен камен темелник за земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд ленд“

Во близина на прилепското село Славеј денеска е поставен камен-темелник на земјоделско-сточарски комплекс „Голд ленд“, наменет за примарна обработка на земјоделски производи и за најсовремена фарма на говеда со годишен капацитет од преку 1.000 грла.

Станува збор за македонско-германската инвестиција во вредност од 4,5 милиона евра, од кои 1,5 милиона евра од ИПАРД 2 програмата.

На поставувањето на камен темелникот присуствуваа премиерот Зоран Заев, заменик-премиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за земјоделство Трајан Димковски, амбасадорите на Европската Унија и на Германија во земјава, Самуел Жбогар и Томас Герберих, директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски и бројни стопанственици.

Инвестицијата е на групацијата „Везе шари“. Еден од двајцата сопственици, Арбен Абдурахмани вели дека ова е мал придонес да се донесе Европа во земјава, да се обезбеди земјоделско-сточарски развој, да се намали увозот на говедско, да се отворат нови работни места и да се оформи регионален центар за откуп и складирање на земјоделски производи. Комплексот треба да биде готов до крајот на наредната година.

– Освен производството на примарни земјоделски производи, зрнеста храна и силажа, со проектираниот модел предвидена е изградба на Центар за откуп и за складирање зрнести култури, кој ќе прерасне во регионален и ќе се овозможи загарантиран пласман на производите на земјоделците кој ќе биде ставен во функција за пет месеци, а до крајот на 2020 година ќе се заокружи целиот комплекс „Голд ленд“. Во рамките на овој проект е изградбата на најсовремена фарма која ги задоволува највисоките европски стандарди за одгледување и гоење на говеда со годишно производство на 1.080 грла во првата фаза, со што ќе се намали увозот на говедско месо, ќе се развива сточарството и ќе се намалува невработеноста. Групацијата „Везе шари“ има 140 вработени и со овој комплекс ќе стигне до 200 вработени, рече Абдурахмани.

Косопственикот на „Голд ленд“, Херман Хемлер нагласи дека е битна поддршката на институциите.

– Ме радува многу што сме овде да започнеме уште една инвестиција во Република Северна Македонија. Тоа е возможно само со поддршката што ја добиваме со нашите пријатели овде, рече Хемлер.

За премиерот Зоран Заев оваа инвестиција има повеќекратно значење и големи придобивки, особено што има рекордно ниво на искористеност од ИПАРД средствата.

– Оваа инвестиција ја испраќа пораката до младите дека дома има услови за развој, за прогрес, да се вратат дома. Освен тоа значи дека водиме грижа за рамномерниот регионален развој, вклучувајќи го и прилепскиот регион. Битно е што државата ги поддржува овие инвестиции, а од друга страна имаме огромна искористеност на парите од Европските фондови, посебно ИПАРД програмата. Значајно е што има пораст на бруто домашниот производ, развој на економијата, отворање нови работни места. Апелирам до сите кои имаат идеи, проекти, да ги реализираат, рече Заев.

Николче Бабовски, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го нагласува историскиот момент на државава зашто првпат не враќаме пари за неискористеност на фондовите и државата не плаќа казни. Министерот за земјоделство Трајан Димковски смета дека државава станува препознатлива по искористеноста на ИПАРД средствата.

– Македонија веќе станува препознатлива по ефикасното искористување на ИПАРД во споредба со земјите од регионот и кандидати за членки во ЕУ. Досега кај сите апликанти кои ги завршија целосно своите инвестиции од претходните повици направивме поврат од 12,4 милиони евра, тоа е свеж капитал во домашната економија. Само преку модернизација на домашниот агросектор може да се достигнат европските стандарди, да се создаваат конкурентни производи, да се зголемува домашното производство, што позитивно ќе влијае врз севкупниот раст на бруто домашниот производ, рече Димковски.

Германскиот амбасадор Томас Герберих истакна дека Германија дава континуирана поддршка на земјава и за стопанска соработка и за прием во ЕУ.

– Овие инвестиции ќе придонесат за солидна основа за понатамошни економски реформи и за создавање поттик населението да остане во земјава. Германија е најважниот трговски партер на Република Северна Македонија. Билатералната размена на крајот од годинава ќе достигне над четири милијарди евра и постојано расте. Освен тоа, повеќе од 200 претпријатија со германски капитал вработуваат повеќе од 20.000 лица од земјава. Може да ве уверам, како значаен партнер, Германија и понатаму ќе ве поддржува на вашиот пат кон просперитетна, но и зелената економија. Република Северна Македонија е дел од Европа и не заслужува ништо помалку од целосно членство во ЕУ и Германија ќе ве поддржува. Ве молам, продолжете со реформите и убедете ги сите кои би имале сомнеж дека вашето место е во ЕУ, рече амбасадорот Гербиерих на денешното поставување камен-темелник на земјоделско-сточарскиот комплекс „Голд ленд“ кај прилепското село Славеј.