Економската состојба на фирмите во преработувачката индустрија во ноември е поповолна во однос на октомври годинава, како и споредено со ноември лани. Се очекува бројот на вработени да се зголеми.
Според оценката на раководителите на деловните субјекти, што ја објави денеска Државниот завод за статистика, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во ноември годинава во однос на претходниот месец е зголемен за 0,3 процентни поени и изнесува 22,1, а во однос на ноември минатата година е зголемен за 1,2 процентни поени.
Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во ноември во однос на октомври годинава е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени во однос на октомври 2019 година.
Капацитетите на фирмите од преработувачката индустрија во ноември годинава во просек биле искористени со 70,5 проценти.
Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недостигот на квалификувана работна сила со 25,3 проценти, недоволната странска побарувачка со 17 проценти, недоволната домашна побарувачка со 14 проценти и неизвесното економско опкружување со 11,8 проценти.