Пазарџиите бараат од организаторите на пазарите да ги намалат цените за закупнина на тезгите. Тезгаџиите предупредуваат дека доколку не бидат прифатени нивните барања во рок од една недела, тогаш повторно, како пред неколку месеци, ќе организираат генерален штрајк и сите пазари во Скопје ќе останат заклучени.
„Се брише ставката на резервација на тезга која изнесуваше 2.000 денари, на сметка на тоа пазарџиите треба да плаќаат цел износ што изнесува 5.250 денари. Бараме намалување на цената на тезгите, максималната цена што можеме да ја плаќаме е 3.600 денари“, вели Маја Стојановска, претставник на пазарџиите.
Ставот на пазарџиите е дека „Скопски пазар“ ја користи монополската позиција во случајот и цените ги креира како што им одговара. Дополнително, Стојановска обвинува и за сива економија. Одреден дел на трговци кои наводно биле блиски со теренските наплатувачи на наемнина, им плаќале под рака, минимална цена. Одлуката за цените на тезгите во градовите каде организаторите на пазарите се формирани од општините, цените за закуп се усогласуваат со советот на општината.