Кратењето на 1,8 милиони евра за изградба на објектот на универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје нема да ги закочи плановите за развој на оваа институција – вели ректорот Азиз Положани.
„И за оваа година, кратењето…што не можевме да развиваме со предвидената динамика, не не оштетува со ветувањето дека истите средства ќе се користат во 2019 година. Значи, направено е кратење, средствата ќе се одложат од оваа година и ќе е пренаменат за следната“, рече Положани.
Останува нејасна и конечната локација за изградба на комплексот. Положани вели дека надлежните институции работат на постапка за експропријација на парцела во рамките на касарна Илинден.
„Експропријацијата не е реализирана поради, од информациите кои ни ги дадоа, високата цена, како и поради фактот дека владата во таква ситуација разгледува поволна можност за универзитетот“, додава Положани.
И покрај можноста за промена на локацијата, Положани рече дека се предвидува да се искористи истиот идеен проект кој чинел 1 милион евра. Со ребалансот на буџетот, предвидени се 16 милиони евра помалку за изградба на основни училишта, студентски домови и нови универзитети.